Антикорупциска: Претседателските кандидaти потрошиле 7,5 милиони евра

Седумте претседателски кандидати потрошиле вкупно 7,5 милиони евра за изборната кампања, од кои најголем дел Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, по околу 2,6 милиони евра, покажува посебниот извештај за финансирање на изборната кампања за претседателските избори од Државната комисија за спречување на корупција. По Силјановска и Пендаровски на оваа листа следуваат кандидатите Бујар Османи со 900.000 и Арбен Таравари со околу 800.000 евра. Тројцата останати кандидати Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска потрошиле секој по околу 160.000 евра.
Државна комисија за спречување на корупција:
Од анализата на приходите по видови на извори на финансирање утврдивме дека изборната кампања е финансирана со 77% од средствата обезбедени од Буџетот, додека 23% се средства обезбедени од други извори на финансирање. Истакнуваме дека ДКСК смета дека финансирањето на изборниот процес со средства од Буџетот на РМ треба да се укине, поради постоење на корупциски ризици.
Во Извештајот за утврдените состојби во финансирањето на Претседателските избори, антикорупционерите констатирале бројни недостатоци во правната и административна рамка кои го регулираат изборниот процес и финансирањето на изборните камањи. Покрај постоењето законска регулатива, во извештајот евидентирани се сериозни проблеми во имплементацијата кои создаваат ризик за корупција.
Државна комисија за спречување на корупција:
Ова е особено изразено во несоодветната примена на законските одредби, што води кон зголемен ризик од злоупотреба на средствата. Административните процедури, како што е пријавувањето на донации и трошоци од страна на политичките партии, се оценети како премногу комплексни и неефикасни, што доведува до зголемени административни трошоци и одложувања. Потребна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција.
Антикорупцинерите за дела поврзани со изборите, покренале шест иницијативи за поведување постапка за кривично гонење, како и четири иницијативи пред надлежните органи за поведување на постапка за утврдување на одговорност на службени лица.
Михаило Донев