Антикорупциска реагира за одлуката на Уставниот суд за „Бехтел-Енка“

Уставниот суд идната недела ќе ја образложи одлуката зошто не поведоа постапка за законот со кој е избран американско – турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ без тендер да ги гради Коридорите 8 и 10. Ова во телефонски разговор за Алсат го потврди претседателката на судот, Добрила Кацарска. Денеска пак, првата антикорупционерка, Билјана Ивановска изјави дека по одлуката на судот, тие веќе нема што да бараат.
„…Многу нè интересира какво ќе биде тоа образложение, дотолку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот, на уставни членови. И многу нè интересира со кое образложение е отфрлена оваа иницијатива и дополнително ни предизвика посебен интерес, а и сомнеж, благодарноста искажана од страна на Артан Груби кон уставните судии“, рече Ивановска.
И покрај забелешките на антикорупционерите за правните празнини во законското решение, не се знае ни колку точно од народните пари ќе ѝ се платат на „Бехтел – Енка“ за да ги гради автопатиштата во следните години. Само во буџетот за догодина во Министерството за транспорт се предвидени 100 милиони евра. Министерот за транспорт вели дека сè е законско.
„Да се изградат што е можно поголем патни правци, да безбедноста ја доведеме до едно многу повисоко ниво и тоа ќе го правиме согласно така како што ни наложиле Законите во државата“, рече Бочварски.
Прашање: На ваков начин? Со донесување на законско решение, а не со тендерска постапка, за нешто што не знаеме колку би имало корупција при изградбата? Не знаеме колку ќе чини. Ова е тој начин?
„Законот е донесен во Собранието, согласно тој Закон понатаму ќе постапуваат институциите во јавна и отворена постапка…“, одговори Бочварски.
Пред законот да биде донесен во Парламентот, Бочварски, заедно со првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државни патишта, Ејуп Рустеми, со „Бехтел – Енка“ потпишаа Меморандум за разбирање за доизградба на Коридорите 8 и 10. Потоа по предлог на неколку пратеници и од власта и од опозицијата, законот беше донесен.
Игор Стефановски