Антикорупциска: Склучените договори на три дена пред избори не се незаконски

Антикорупционерите нема да отворат случај за склучените 160 договори за финансиска поддршка помеѓу Владата и компании од приватниот сектор, на само три дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори. Оваа претставка до Антикорупциска ја достави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но од комисијата проценија дека сѐ е според законот, кој дозволува склучување на договори во предизборие, но не и исплата на средства.
„Во случајот не се работи за вонредна исплата, туку за исполнување на законски предвидена обврска на Владата, за доделување на законско право на субјектите, врз основа на донесен закон за што претходно се обезбедени и средства во буџетот за 2021 година“, рече Владимир Георгиев член на ДКСК.
Овластениот претставник на ВМРО-ДПМНЕ останува на став дека владата добро го испланирала тајмингот на склучување на овие договори кои се исплаќаат со државни пари. Ваквите потези вели со сигурност имаат влијание врз изборот на кандидати на гласањето.
„Како сега се обезбедени средства за оваа година, а ќе бидат исплатени во 2022 година, едно со друго нема логика. Што значи дека вицепремиерот или не зборува вистина или ги прикрива фактите или ги искривува истите“, рече Бојан Богоевски адвокат.
Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска вели дека и покрај тоа што во овој случај власта е заштитена со законот, сепак постојат серија на сомнителни дејствија кои ќе ги истражат во периодот што следи. И доколку се утврди прекршување на правилата, ќе биде известено и обвинителството.
Иле Петревски