Антиковид-мерката препорачана за јавниот сектор ќе важи и за вработените во образованието

За вработените во образованието ќе важи истата мерка што е предложена од Комисијата за заразни болести за јавниот сектор – да бидат вакцинирани најмалку со една доза, да имаат негативен ПЦР-тест, потврда за прележан ковид или потврда дека не смеат да примат вакцина, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.
Во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, Томшиќ рече дека никој не се присилува на вакцинација со препораките на Комисијата за кои треба да одлучи Владата. Како што и вчера соопшти министерката Мила Царовска, тој посочи дека околу 75 отсто од наставниците се вакцинирани.
-Дел од другите го прележале вирусот, а за преостанатите препораката е да се вакцинираат во интерес на и на нивното и на здравјето на учениците. Единствен начин да се заштитиме од вирусот е вакцинацијата, тоа го вели науката и ние не можеме да одиме спротивно, рече Томшиќ и додаде дека вакцинирањето во европските земји веќе се вклучува и во рамките на законите за заштита при работа.