Апаратите на Државна Лотарија ќе се повлечат во депо

По раскинувањето на договорот меѓу компанијата „Хеј“ и државната лотарија, апаратите кои се наоѓаат во објектот на компанијата со која е раскинат договорот нема да бидат одземени, бидејќи се во сопственост на државата. Тие ќе бидат повлечени од објектот во Визбегово и ќе бидат префрлени во магацини кои ќе ги обезбеди Владата. Но, директорот на државната лотарија, Александар Климовски, вели дека не се знае каква ќе биде нивната понатамошна судбина, бидејќи тие терминали се за приредување видео лотарија, а државната лотарија не организира ваков тип на игри.
Климовски рече дека 850-те терминали, кои се купени по вредност од околу 12 милиони евра, се платени по двојно повисока цена, и дека сите биле неочекувано купени во рок од три месеци, а не како што предвидувал тендерот да се набават за подолг временски период.
Владата пред неколку дена го раскина договорот меѓу компанијата „ХЕј“ и државната лотарија. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека киријата што Лотарија и ја плаќала на компанијата Хеј е три пати поголема од пазарната вредност. Тој подвлече дека раскинатиот договор е основа за кривична одговорност и дека постојат сериозни сомнежи за сторен криминал од страна на претходната власт.
Ајнур Бафќари