Апел од Град Скопје: Користете алтернативни рути додека се реконструира булеварот „Александар Македонски“
Алсат
06.09.2020 12:59
Град Скопје информира дека е во тек реконструкција на градските улици, па поради тоа граѓаните да ги користат алтернативните приоди и сообраќајници за влез во градот, пред сè поради големата реконструкција на булеварот „Александар Македонски“ во општина Гази Баба.
-Граѓаните можат во Скопје да пристапат преку скопската обиколница, на исклучувањето кај населба Радишани, преку новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ кон општина Чаир, како и на исклучувањата кај населба Визбегово кон Момин Поток и населба Волково кон општина Ѓорче Петров, објаснуваат од Градот.
Реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ е на потегот од крстосницата со улица 16-та Македонска бригада до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот.