ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Апелација ќе одлучува за жалбата на Камчев следната недела

Апелација за барањето за ослободување од притвор на обвинетиот  Орце Камчев ќе одлучува следната недела, но тој Новата година нема да ја дочека во Шутка, туку во приватна болница. Камчев е пренесен во болница вчера поради болки во абдоменот,  а со согласност со докторот во затворот и судијата Илија Трпков.

Од болницата Систина за Алсат велат дека како приватна клиничка болница ја почитуваат приватноста на своите пациенти и нема да ја коментираат здравствената состојба на пациентите, ниту пак нивниот идентитет.

Одбраната на Камчев кој  е во притвор веќе девет месеци за „Плацеви на Водно“ се жалеше до Апелација откако Основниот суд, го одби барањето на бизнисменот да се брани од слобода со парична гаранција или да му биде одреден домашен притвор. Случајот со притворот на Камчев заврши и во Европскиот суд за човекови права, но одлуката не беше во полза на бизнисменот.

Тој е обвинет за перење пари во предметот „Плацеви на Водно“, а наредното рочиште за ова дело е закажано за 14 јануари. Во истиот случај обвинет е и поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Тој од истражниот затвор излезе завчера, откако Апелација му го укина притворот и тој сега новогодишната вечер ќе ја дочека на слобода. Одбраната на Мијалков уверува дека тој нема да се пушти во бегство. На Мијалков му е прифатена гаранцијата од 11 милиони евра во недвижности која ја обезбеди за случајот Трезор. Негативно мислење за прифаќањето на материјалната гаранција на Мијалков дало Обвинителството – државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА, вели дека гаранцијата генерално се полага во пари, во вредности или во други драгоцени нешта кои, како што вели, лесно можат да се впаричат, а не во недвижности.

Коментирајќи го случајот „Плацеви на Водно“, каде се обвинети Камчев и Мијалков, Јовески  вели дека Обвинителството има релевантни докази за ова кривично дело.

 

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button