Апелација одлучува за Васев: Обвинителството бара ефективен притвор, одбраната – слобода

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за случајот „Онкологија“. Обвинителството побара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, додека Васев побара од судот да се брани од слобода.
Судијката Весна Димишкова, образложувајќи го предметот рече дека основниот суд одредил мерка куќен притвор во траење од 30 дена ценејќи дека присуството на обвинетиот може да се обезбеди со мерка куќен притвор со оглед дека е пензионер на 64 години, имотен, татко на две деца и досега неосудуван.
Јавната обвинителка Фатиме Фетаи, објаснувајќи го предлогот за ефективен притвор рече дека ставот на Вишото јавно обвинителство Скопје е дека во оваа фаза на постапката имајќи ги превдид сите околности поврзани со кривичните дела кои му се ставаат на товар на осомничениот мерката притвор единствено претставува доволна гаранција за обезбедување присуство на Нино Васев и успешно спроведување на кривичната постапка.