
Шампионот на Македонија, Струга Трум Љум денеска е пред сериозен тест во рамки од десеттото коло од новиот шампионат во Првата македонска фудбалска лига. Стружани на свој терен ќе го пречекаат незгодниот Силекс, против кого минатата сезона загубија речиси добиен натпревар и од 2-0 запишаа пораз од 2-3. Арби Воша испрати пофални зборови за Силекс, но верува дека трите бода ќе останат во Струга.
„Во тимот владее многу добра атмосфера. Заминавме на пауза по големата победа против Вардар. Но, сега таа победа му припаѓа на минатото, целата екипа веќе е фокусирана на следниот натпревар против Силекс. Можам да кажам дека тимот добро се подготви, како и за сите други натпревари кои нè очекуваат во иднина. Веруваме дека имаме сила и квалитет да продолжиме со победите во првенството.
Силекс е екипа која знае добро да игра фудбал, сепак, верувам во нашите квалитети и дека трите бода ќе останат во Струга“, рече Воша.
Натпреварот меѓу Струга ТЉ и Силекс се игра денеска од 14:00 часот, за кога се закажани и останатите натпревари од десеттата рунда во ПМФЛ.