Аријанит Хоџа поднесе оставка од функцијата министер за земјоделство

Аријанит Хоџа поднесе оставка од функцијата министер за земјоделство, како и двајцата заменици министри на Движењето БЕСА, за образование Арафат Шабани и заменик министерот за култура Седат Сулејмани. Хоџа изјави дека оставките се дадени со одлука на партијата, а причината е нарушувањето на демократијата поради манипулативните методи на Демократската унија за интеграција. Упатувајќи обвинувања против ДУИ, а особено кон вицепремиерот Артан Груби, Хоџа рече дека движењето БЕСА не може да се идентификува со партнер како ДУИ кој ги користи сите средства за да остане на власт.
“Ако во 2016 година беше соборен еден режим, а друг дел од режимот не беше соборен, туку му беше дадена шанса да се реформира, денес после 5 години се докажа дека тие не само што не се реформирани, туку ги усовршиле методите на нивниот класичен режим. Одлуката за оставка е морален чин, но и почитување на партиските органи на Движењето БЕСА“, рече Хоџа.
Хоџа рече дека партијата ќе разговара за натамошното дејствување, но рече дека главен приоритет останува отстранувањето на ДУИ од власт и оти БЕСА е подготвена да соработува со сите опозициски партии, вклучително и со Алтернатива. Според него, само обединети ќе можат да ја соборат од власт ДУИ.
“Апсолутно за нас нема никаков проблем, што се однесува до Алтернатива, останува тие да се изјаснат. Шансата е историска. Оваа можност што ни беше дадена да ја урнеме ДУИ беше сигнал да му покажеме на народот дека само обединети можеме да ја урнеме ДУИ. Секој друг чекор што ќе се случи во иднина, кој и да влезе во овие околности со овие луѓе од ДУИ на власт, верувам дека само ќе помогне ДУИ да остане на власт и тоа не е целта на Движењето БЕСА“, рече Хоџа.
Хоџа најави оставка и заминување од власта на Движењето БЕСАА по вториот изборен круг во Желино, каде победи оваа партија, но потоа изборите беа поништени наедно избирачко место и БЕСА за тоа ја обвини ДУИ.
Мефаил Исмаили