Армијата ангажира дополнителни сили за гасење на пожарите

Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката на државата и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите, соопшти Генералштабот на Армијата.
„Од страна на Генералштабот е издадена наредба за ставање во состојба на подготвеност и ангажман на дополнителни 200 армиски припадници од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300. Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации каде ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции“, се наведува во соопштението.
Од Генералштабот истакнуваат дека ангажираните сили и ресурси координирано работат заедно со другите инволвирани субјекти.