Арсовска: Мостот во Аеродром ќе се гради, но динамиката ќе се пролонгира

Мостот во Аеродром ќе се гради, но динамиката за неговата реализација не може да се предвиди вели денеска градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Таа тврди дека никогаш не кажала дека мостот нема да се гради. Проблемот според неа е што претходното раководство на градот Скопје започнал да го гради мостот без да се договори експропријација со сопствениците на повеќе од 150 куќи. Пари за нив има во градската каса, но засега нема договор со граѓаните од населбата Ќерамидница.
„Не е проблем изградбата на самиот мост, тој ќе биде изграден. Меѓутоа поврзувањето на обете страни е нешто кое што има повеќе имотно правни спорови, за кое што ние ќе бидеме посветени. Меѓутоа треба да се знае дека некој го отпочнал без да има јасна цел и визија да знае точно за колку време ќе биде тоа реализирано“, рече Арсовска.
Арсовска најави анализа и на целата документација и на сите наоди од воведувањето на Бас рапит транзитот во главниот град. Ќе има јавни расправи, а не ја исклучи и можноста за организирање на референдум по ова прашање. Кога се планираат проекти за кои треба да се потрошат милионски суми граѓаните мора да се прашаат, вели Арсовска.
„Анализите покажуваат дека БРТ има толку многу ризици по граѓаните по инфраструктурата по градот Скопје и навистина треба да се размислува како и на кој начин сето тоа ќе се изведе. Јас верувам дека граѓаните сакаат проекти кои ќе бидат за нивни бенефит, а не за нивна штета“, додава Арсовска.
На денешното собрание на ЗЕЛС Данела Арсовска беше избрана за претседателка на оваа институција. За потпретседатели на ЗЕЛС се изгласани Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово и Висар Ганиу прв човек на општина Чаир. Нивната заложба ќе биде поголема финансиска независност од централната власт и воведување поголема контрола во однос на трошењето на јавните пари.
Иле Петревски