Арсовска најави дека ќе купи 50 еко автобуси
Арсовска најави дека ќе купи 50 еко автобуси

На јавните повици на Град Скопје за дополнување на некои урбани сообраќајни линии во главниот град се нема појавено никој. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пред еден ден ги информираше советниците дека како точка на дневен ред на седницата на Градскиот совет на 26 јануари, треба да се утврди и заемот од 10 милиони евра од локалната банка за купување на 50 еколошки автобуси.
„За понатамошно промовирање на визијата за модерно Скопје, овозможувајќи лесно пристапен и модерен јавен превоз, грижа за квалитетот на животот и животната средина, обврска и приоритет во нашата работа е да инвестираме во еко-автобуси со цел поефикасен јавен транспорт. Со донесувањето на оваа одлука, градот Скопје ќе може да купува екоавтобуси преку долгорочно внатрешно задолжување“, велат од Град Скопје.
За да донесе ваква одлука на градоначалничката на Град Скопје и е потребно мнозинство гласови. Се уште не се знае кој ќе биде за, а кој против. Неофицијално, советниците од ВМРО велат дека се уште немаат став бидејќи не биле координирани со оглед на тоа што материјалот го добиле претходната вечер. Но, велат дека во документот што им бил врачен, а кој е само една страница, нема никаков детал, ниту за која банка се работи. Според нив, потребна е јавна расправа за ваква одлука.
Во Советот на Град Скопје, ВМРО ДПМНЕ има 18 советници, СДСМ 12, ДУИ 5, „Левица“ 4, а Алијанса за Албанците и Алтернатива имаат по два, а толкав број на советници имаат и од коалицијата ЛДП/ДОМ и независните кандидати од „Хуман зелен град“.Арсовска во предизборната кампања вети 250 нови автобуси, додека заемот од 10 милиони евра е само за 50. Доколку се одобри заемот, новите автобуси би се набавиле за година и пол, бидејќи толку трае процедурата. Прво мора да се распише тендер кој со огласот, изборот и жалбата трае неколку месеци, а потоа фирмата што ќе биде избрана мора да ги произведе автобусите./Алсат.мк
Еви Шкопи