
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е на чекор од одлуката која би можела да доведе до негова евентуална екстрадиција во Соединетите Држави, кои го бараат по обвинение од 18 точки за објавување на стотици илјади доверливи документи.
Судот во Лондон се очекува да одлучи дали САД ги исполниле бараните гаранции пред да одлучи дали да дозволи нова жалба.
Минатиот месец, Високиот суд во Лондон пресуди дека, без одредени американски гаранции, на Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба против екстрадицијата. Тие гаранции вклучуваат дека во случај на судење во САД, Асанж ќе има право да се повика на првиот амандман и правото на слобода на говор, и дека нема да има нови обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна. Документот до кој имаше увид Ројтерс ги потврдува овие гаранции, отворајќи го патот на судот во Лондон да одлучи за негова екстрадиција.
Според сопругата на Асанж, Стела, судот би можел да одлучи да дозволи екстрадиција, да му даде дозвола да се жали или дури да го ослободи.