
На 21 декември, Атлетико Мадрид ѝ гостува на Барселона во големото дерби од 18. коло на шпанската Примера, воедно и дуелот за првото место на табелата.
Каталонците веќе месец и половина играат на принципот топло-ладно, а доколку „јорганџиите“ им го нанесе четвртиот пораз во последните девет натпревари, ќе ги престигне на чело на шпанскиот елитен караван и ќе ја заокружи својата 50-дневна победничка серија со 12-та победа.
Атлетико сериозно се мачеше на крајот на септември и во текот на октомври, приказните за потенцијалното заминување на Диего Симеоне почнаа да кружат, но мадриѓани се издигнаа и постигнаа 31 гол во 11 натпревари, примија само седум, профилирајќи се како сериозни кандидати за титулата.
Додека Атлетико беше во грч, Барса демолираше сè пред себе (им даде по четири гола на Реал и Баерн) уживајќи во восхитот на Европа. Сепак, работите се свртеа. Сега мадридскиот гигант во Барселона ќе се обиде да се ослободи од комплексот кој настана во последните две и пол години. Оттогаш, Барса постојано го демолира Атлетико со максимален резултат во пет натпревари. Работата да биде полоша за Атлетико, на последните четири дуели со Каталонците не ја затресе нивната мрежа.