Австрија воведе карантин до 26 јануари

Од полноќ во Австрија стапија во сила нови построги мерки во борбата против пандемијата на коронавирусот, со кои земјата повторно е во карантин, третпат оваа година.
Овој пат карантинот ќе трае еден месец, до 26 јануари, но оние кои ќе учествуваат во доброволното масовно тестирање, ќе може да ги напуштаат домовите надвор од пропишаните случаи уште од 18 јануари.
Со новиот карантин повторно стапи во сила целодневниот полициски час, а од дома може да се излезе за да се купуваат дневни намирници, да се оди на лекар, да се оди на работа, но и за индивидуален спорт поради одржување на менталното и физичкото здравје.
Построгите мерки предвидуваат значително намалување на контактите, така што на едно домаќинство му е дозволено да има контакт со само едно лице од друго домаќинство.
Тоа значи дека дури и за Нова година нема да биде можно да се напушти куќата без оправдана причина, како и да се слави со оние кои не се членови на домаќинството.