Автобуската трагедија Ласкарци „вози“ кон повторно судење

Судскиот совет избра 8 судии за Апелациониот суд. Иако методологијата за избор на судии предвидува изборот да оди според евалуациската листа, советот не ја испочитува. Двајца судии кои имаа највисоки квалификации за кривични предмети во Апелација, Оља Ристова и Бетим Јахија, не ја добија поддршката од Советот. Ниту Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци, за кого изминатиот период многу се зборуваше откако неговото име и активности станаа спорно прашање меѓу Советот и министерот за правда, Кренар Лога. Со денешниот избор, судиите кои одат во Апелација остануваат нерешени три важни случаи: „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“.
Судијата Осман Шабани, суди во „Титаник“, случај за изборни малверзации и во „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ со сомнителни средства. Неговиот избор може да доведе до враќање на двата случаи од почеток. Во меѓувреме, преселбата на судијката Александра Ристевска, која суди за автобуската трагедија кај Ласкарци, иако е блиску до завршните зборови и штотуку заврши долгоочекуваното рочиште на вештаците, може да резултира со повторно судење. Процесот започна во 2019 година. Ристевска го суди и предметот против поранешниот секретар на Владата, Мухамед Закири.
Советот не даде образложение зошто изборот на судиите во Апелација не е направен по редослед или зошто постои оценувањето кога на крајот изборот се базира на убедување на членовите да поддржат некој кандидат или не.
Со денешните постапки Советот оцени дека третото и петтото место не заслужуваат поддршка, додека судиите кои се на позициите 6, 11 и 13 треба да одат во Апелација. Иако се повикуваат на независност при носењето на одлуките, денешниот избор во советот јасно се чинеше дека има за цел да ги унапреди судиите кои судат чувствителни предмети за кои преку законски опции треба да се најде начин како да доживеат апсолутна застареност.
Адријан Керими