Автопати нема, а Владата се фали за реализација на капитални проекти

Автопатите кои со години стојат недовршени, Кичево-Струга и Скопје-Блаце, се само два од сегментите што ги има во неколку буџети од последните години. Но, премиерот Ковачевски 2022 година ја оценува како државен рекорд по капитални инвестиции со остварени 90 отсто од проектите. Тој тврди дека годинава фокусот ќе биде ставен на изградба на Коридорот 8, како за автопатот, така и за железницата, за да има пристап до транспорт на стоки во пристаништето Драч со Албанија и Бургас во Бугарија. Сепак, меѓу најтешките проекти го смета вториот сегмент Скопје-Блаце од 10 километри, кој се очекува да чини најмалку 10 милиони евра за секој километар.
На презентацијата на капиталните инвестиции присуствуваше половина од владиниот кабинет, но зборуваше само премиерот. Освен инфраструктура, не се споменати 465-те милиони инвестирани во 2022 година, кои се 10% нереализирани. Во буџетското планирање за 2023 година се предвидени 800 милиони евра за капитални инвестиции низ државата. Годинава удвојувањето на финансиите, покрај од државниот буџет, се очекува да биде обезбедено и од ИПА фондови и од задолжувања.
Годинава во Министерството за одбрана се планирани инвестиции во противвоздушниот систем и реновирање на 28 воени објекти. Инвестициите на МВР лани беа реконструкција на 78 полициски објекти, а годинава ќе се купуваат хеликоптери со противпожарна опрема. Министерството за образование изградило две школи, а реновирало стотина други. Годинава се ветува старт на изградбата на објектот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и изградба на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово. Министерството за труд и социјала во 10 општини изгради градинки, а годинава планираат да изградат уште 20 други. Во меѓувреме, Министерството за здравство во капиталните инвестиции немаше што да спомне, освен дијагностичка, опрема за државните болници.
Аднан Ќаили