ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Автопатите само за мезе ќе ни изедат 500 милиони €, реагира и ЕУ!

Милиони евра се веќе потрошени од буџетот за проект што сè уште не сме го ни виделе, реагира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја исплатата на пенали и аванси за изградба на Коридорите 8 и 10Д.

Реакцијата на Мицкоски е продолжение на реакциите од последните две недели за државниот договор со градежната компанија „Бехтел-Енка“, кој досега не го видоа ниту пратениците со безбедносен сертификат. Обвинителството за гонење на организиран криминал, како и Антикорупциската комисија, веќе собираат податоци за постапката. Од СДСМ велат дека обвинувањата на опозицијата се лага.

„ВМРО-ДПМНЕ, која е целосно заложник на проруската Левица, од политички и профитабилни причини води кампања против изградбата на коридори и против Бехтел, базирана на лаги и невистини. Партијата предводена од Христијан Мицкоски е последната која може да зборува за изградба на автопатишта, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е симбол за провизии, за пропаднати проекти на штета на државата и граѓаните“, велат од СДСМ.

Во меѓувреме, порталот МКД.мк побара став од канцеларијата на ЕУ за реакциите поврзани со проектот.

„ЕУ внимателно го следи развојот на настаните по ова прашање. Бараме дополнителни информации за подобро да ја разбереме ситуацијата. ЕУ потсетува на важноста да се почитуваат обврските што произлегуваат од Договорот за асоцијација и стабилизација, како и на усогласеноста со правото на ЕУ во контекст на процесот на пристапни преговори“, наведуваат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Со проверка во овој Договор кој беше потпишан уште во 2001 година, може да се заклучи дека во овој случај се подразбираат европските правила против ограничувањето на конкуренцијата, обврската за транспарентност и нефаворизирање на одредени претпријатија. Во случајот со Бехтел и Енка, станува збор за директен договор на власта без никаков јавен повик или тендер, кого власта го прикажува како деловна тајна иако ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button