Азир Алиу најави распишување на конкурс за прием на 300 нови специјализанти
Азир Алиу најави распишување на конкурс за прием на 300 нови специјализанти

По прилогот на Алсат во врска со недостигот од анестезиолози во Болницата во Куманово, министерот за здравство Азир Алиу вели дека во моментов испраќаат анестезиолог според потребата, а најави и распишување на конкурс за прием на 300 нови специјализанти.
„Точно е дека во моментов нема вработен анестезиолог со полно работно време, но преку договори ние испраќаме кога има потреба, за да може болницата да спроведува операции. Проблемот не е присутен само во Куманово, предизвици имаме и во самите клиники, каде што од една клиника анестезиолозите одат да работат во друга. Ова е последица на политики кои не се засноваат на реалните потреби и податоци, туку на политики врз основа на пријателски и семејни врски, со што добиваме здравствен систем каде што има премногу експерти и специјалисти во една област, додека во други области тие недостасуваат“, рече Азир Алиу, министер за здравство.
За недостигот од медицински кадар во клиниките низ земјата, Алиу ја обвини поранешната власт за партиски и семејни вработувања. Во однос на предолгото чекање на термини од страна на пациентите во многу здравствени одделенија, Алиу изјави дека се работи на нов систем кој ќе биде поврзан со системот „Мој термин“, со цел пациентите да не чекаат долго.
„Во моментов, 70 проценти од пациентите на терцијарно ниво се пациенти кои, според мислењето на стручњаците, не треба да бидат третирани на тој здравствен степен, туку на секундарното ниво. Но, сепак, на крајот на денот мора да располагаме со податоци, и потоа ќе создадеме систем кој ќе биде поврзан со системот ‘Мој термин’, каде ќе има јасно дефинирани протоколи за тоа како пациентот може да се движи од примарно до секундарно, а потоа и до терцијарно здравство“, додаде тој.
Алиу, исто така, најави и кадровски промени во раководството на здравствените клиники, а од друга страна го промовираше проектот „Отворен кабинет“, каде граѓаните ќе можат онлајн да закажуваат средби со министерот, за да поднесуваат жалби или да споделат свои идеи поврзани со здравството./Алсат.мк
Линда Ебиби