Бабовски: Некој помешал микро и милиграми, нема тешки метали во доматите и краставиците

Во доматите и краставиците нема тешки метали штетни за здравјето на граѓаните, потврди уште еднаш денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Според него, резултатите од испитувањата кои ги објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ се негативни и, како што рече, не му е јасно со која цел намерно се шири паника во јавноста.
Ширењето лажна паника и тревога е кривично дело, додаде Бабовски, а дали АХВ ќе поднесе пријава за тоа, ќе се знае наредните денови.
„Негативни се сите резултати за наводни резидуи од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа при брифирањето некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини. За жал, некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е тоа нон-сенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. Нам не ни значи нечие извинување“, рече Бабовски одговарајќи на новинарски прашања.