
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска во Белата куќа ќе се сретне со претседателот во заминување Џозеф Бајден, една недела откако тој како републикански кандидат го освои потребниот број електорски гласови за втор претседателски мандат.
Нивната средба, која е закажана за 11:00 часот по локално време, се толкува како еден од неформалните чекори во транзицијата на политичката моќ, која Трамп формално ќе ја преземе на 20 јануари 2025 година по церемонија на инаугурација, јавува Гласот на Америка.
Средбата се организира по пораката на американскиот претседател во заминување дека ќе овозможи непречена транзиција на власта. Бајден ја истакна и важноста на соработката со Трамп, неговиот претходник и наследник на претседателството.
Интересен е податокот дека ваква средба меѓу Трамп и Бајден немало по изборите во 2020 година, забележува Гласот на Америка.
По неговиот пораз пред четири години, Трамп изјави дека изборите биле наместени во корист на Бајден и на демократите. Потоа го напушти Вашингтон и не присуствуваше на инаугурацијата на Бајден.
Така, тој стана првиот претседател што го сторил тоа по Ендрју Џексон, кој ја избегнал инаугурацијата на Улис Грант во 1869 година.