
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.
„Целта на овој срамен напад беше да се прекине пристапот на Украинците до греење и електрична енергија во текот на зимата и да се загрози безбедноста на нивната мрежа“, рече Бајден.
Во раните божиќни часови на 25 декември, Русија лансираше бранови ракети и беспилотни летала врз украинските градови и критичната енергетска инфраструктура.
„Во последниве месеци, Соединетите Држави испорачаа стотици проектили за противвоздушна одбрана на Украина, а уште повеќе се на пат. Наредив Министерството за одбрана да продолжи да испорачува оружје за Украина, а САД ќе продолжат неуморно да работат на зајакнување позицијата на Украина во нејзината одбрана од руските сили“, се наведува во соопштението објавено од Белата куќа.