
Воениот одговор на Израел во Појасот Газа беше претеран, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден, на прес-конференција во Белата куќа.
„Исто така, навистина се залагам хуманитарната помош да стигне до Газа. Јас сум и за прекин на огнот за да се овозможи ослободување на заложниците. Сето ова мора да престане што е можно поскоро, има многу невини луѓе кои гладуваат, кои се во неволја и кои умираат“, нагласи американскиот претседател.
Белата куќа објави дека нема да поддржи какви било планови на Израел за големи воени операции во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, и истакна дека министерот за надворешни работи на САД Ентони Блинкен, јасно ја изразил загриженоста на САД за таквите операции. Израел овие денови силно го бомбардира Рафах.