
По барањето што го упати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во Македонската банкарска асоцијација (МБА), банките почнале да ги разгледуваат тарифите за можноста за намалување на провизите на одредени услуги.
Претседателката на МБА Маја Стевкова-Штериева изјави дека тоа е индивидуална одука на органите на управување на банките, а упати и на ветувањето од Народната банка за намалување на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
„Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш тоа е индивидуална одлука на секоја банка односно на органите на управување на банката. Пред се, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет на страната на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција. Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време очекувам дека ќе реагираат“, рече Стевкова Штериева.