
Балкан Енерџи Груп ќе има обврска следната година да ги врати назад во државниот буџет сите пари кои ќе ги добие. Ова е дел од потпишаниот договор меѓу БЕГ и државната компанија ЕСМ која времено го презеде управувањето со греењето на Скопје. Целото функционирање на БЕГ до крајот на грејната сезона ќе биде условено со врзани потписи. Без потпис од лице овластено од ЕСМ, компанијата нема да може да носи било какви одлуки, договори или пак да врши исплати.
„Балкан Енерџи гарантира за вложените средства добиени од страна на државата со меница потпишана од основачот на Балкан Енерџи. Враќањето на средствата кон АД ЕСМ ќе се реализира во 2023 година по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за определување на трошоците за грејната сезона“, велат од ЕСМ.
Шесте милиони евра кои Владата ќе ги префрли кон ЕСМ, ќе се користат за набавка на гас за производство на топлинска енергија. Обврска на државните електрани, покрај управувањето, ќе биде и поднесување на месечни финансиски извештаи до Владата. Засега од буџетот ќе се одвојат само овие шест милиони евра, но во зависност од цената на гасот, нема конкретен став од Владата колку вкупно би можело дополнително државата да ја чини настаната криза со централното греење во главниот град.
Андреа Чобанова