
Со давањето свечена заклетва, Бајрам Бегај од вчера и официјално ја презеде функцијата претседател на Албанија, на која ќе остане во наредните пет години.
По интонирањето на химната, претседателката на Парламентот ја прочита заклетвата, по што Бегај во поздравниот збор пред пратениците во законодавниот дом, им вети на граѓаните дека ќе биде во нивна и во служба на татковината, почитувајќи ги уставните надлежности.
„Денеска се заколнав дека ќе му служам на Уставот, на националниот интерес и на напредокот на албанскиот народ и ќе ја исполнувам мојата должност според принципите и нормите на Уставот. Јас ќе ја извршувам оваа мисија натпартиски, но нема да останам неутрален кон никој што и противречи на оваа заклетва, кон секој што ги става политичките интереси пред интересот на нашата нација. Секогаш ќе поддржувам, ќе се трудам и ќе инсистирам на соработка меѓу сите политички сили, во изнаоѓање заеднички јазик, во изнаоѓање начини, дури и заеднички патишта, бидејќи на крајот ние сме слуги на граѓаните и конфликтот никогаш не е слуга на доброто“, порача Бегај.