ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бегство, 15 дена од “приватната посета” на Груби

Бегство, 15 дена од “приватната посета” на Груби

Веќе 15 дена трае „приватната посета“ надвор од земјата на поранешниот заменик-претседател на Владата Артан Груби, кој се бара со меѓународна потерница во врска со злоупотребите во Државната лотарија во вредност над 8 милиони евра.

Advertisements

Полицијата, која преку Интерпол го бара Груби, не дава информации за неговата локација. Сепак, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека веројатно се наоѓа некаде на албанските простори. И за да биде уште поконтроверзно, според Ахмети, Груби не избегал, иако дури еден полицаец беше суспендиран од работа токму поради бегството на Груби.

„Господинот Груби, според информациите што ги имам, не сум го сретнал, добро е. Неговата локација сѐ уште е некаде на албанските простори. Тоа е процес што треба да добие епилог. Артан Груби не е избеган од Македонија. Артан Груби е подготвен да одговори пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не со одмазничка и селективна правда“, изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Ахмети, дури зборува во име на Груби, барајќи гаранции за продолжување на судскиот процес. Во услови на држава со воспоставена демократија, политичарите не би си дозволиле да зборуваат во име на лица кои ги бара Интерпол или да пренесуваат мислења и ставови на такви лица, уште помалку да бараат гаранции од судската власт. За да биде иронично, Груби е ставен на Црната листа, бидејќи Американците имаат докази за примање мито токму за вмешување во судството, од кое денес Ахмети бара гаранции.

„Не сум нова личност, не сум дете. Но, сите знаат дека во политиката јас ќе правам онака како што ќе ми каже Али Ахмети. Ако Али Ахмети ми каже да одиме со СДСМ, ќе одиме со СДСМ, ако Али Ахмети ми каже ќе работиме на таа врска како стратегија. Се гледам како негов следбеник, војник, како да кажам активист, член, кој верува во него и кој е во политиката за него. Јас влегов во политиката за него“, изјави Артан Груби, ДУИ.

Всушност, тоа го докажа и со одлуката за повлекување од политичкиот живот, кога пред да ја објави одлуката на Фејсбук, Ахмети тоа го најави пред медиумите, нарекувајќи го Груби одговорен и совесен човек.

„Мислам дека господинот Груби е одговорен и совесен, нема потреба партијата да го отстрани, господинот Груби сигурно ќе се повлече сам од сите партиски функции“, нагласи Али Ахмети, претседател на ДУИ.

ДУИ, на која две години по ред ѝ се става високо функционер на Црната листа на САД, инсистира на ветинг. Повторуваат повик за усвојување на Законот за рестриктивни мерки кон лицата санкционирани од САД.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button