
Прашањето за дополнителните 10 евра по мегават-час данок за рускиот гас што минува низ Бугарија, ќе се дискутира утре во софискиот Парламент. Иако данокот беше одобрен на 13 октомври, претседателот Радев го искористи своето овластување да поднесе жалба до Уставниот суд.. Од кабинетот на Радев, рекоа дека биле прекршени принципите на гарантирање на имотните права и слободната економска иницијатива, и дека законот е донесен спротивно на принципот на владеење на меѓународното право.
„Во барањето упатено до Уставниот суд, шефот на државата Румен Радев смета дека се прекршени голем број одредби предвидени во бугарскиот Устав. Прекршен е принципот на законитост на даноците и таксите, бидејќи првично не е јасна правната природа на новововедената „давачка“, дали станува збор за данок, такса или поткуп“, велат од бугарското претседателство.
Минстерот за економија на Македонија Крешник Бектеши изјави дека ќе бара отштета од Бугарија, ако земјава биде принудена да плаќа данок за руски гас. Ако се воведе такса за гас од Русија, тогаш треба да се ослободат количините кои ги закупил Газпром во нашиот интерконектор, со што ќе ни овозможи нас како држава преку пазарна економија, да бараме други извори за снабдување, кажа министерот,
„Првично сметам дека Бугарија не ја има донесено одлуката само за Македонија, бидејќи преку Бугарија природниот гас се транспортира до Србија, Унгарија и други земји од ЕУ. Не ги оспоруваме дополнителните даноци, но бараме да се ослободи нашиот дел од количината на претплатениот гас, и да најдеме други можности за снабдување во иднина“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Минатата година нашата земја обезбеди 180 милиони кубни метри гас, но за домашните потреби беа потребни 400 милиони кубни метри гас. Дополнителните тарифи би можеле да й обезбедат на Бугарија приход од 1,3 милијарди евра годишно.
Аднан Ќаили