Бектеши од ИВЗ со порака за заштеда на електрична енергија

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на заедничката прес конференција со лидерот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, ги повикаа сите муслимански верници да се приклучат кон апелите на владата за контролирана потрошувачка на електричната енергија и колку што е можно поголема заштеда. Како што кажа Бектеши, тимови од министерството веќе договараат средба и со лидерите на Македонската православна црква (МПЦ) од каде се очекува идентична порака да биде упатена и до христијанските верници.
„Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ и тоа ќе се сподели преку џамиите, до сите верници, било тоа Албанци, било Македонци, било Турци или други етникуми и тоа е многу важно затоа што секое штедење го помага семејниот буџет, а воедно и институциите во делот на намалување на трошоци и потрошувачка. Убеден сум дека ваков пример, каков што денеска дава ИВЗ, ќе даде и МПЦ“, рече Бектеши.