Белиот и полубелиот леб со цена до 33 денари
Белиот и полубелиот леб со цена до 33 денари

Лебот од вторник нема да се продава поскапо од 33 денари. Властите решија да ја замрзнат цената. Ваквиот чекор следува откако голем дел од компаниите не го поевтинија лебот, иако добиваат субвенционирана струја.
„Ова е само првиот чекор. Ќе следуваат соодветни одлуки и за другите производи. Нема да оставам граѓаните да плаќаат повисоки цени од тоа што е реално, посебно за основните прехранбени производи“,, рече Крешник Бектеши – министер за економија.
Бектеши вели дека постојат и фирми што ја намалиле цената на лебот, но за сметка на тоа ја намалиле и грамажата, па затоа количината за белиот и полубелиот леб ќе се утврди на 450 грама. Во однос на најавите на дел од компаниите од прехранбената индустрија дека ќе прекинат со работа доколку Владата ја повлече мерката за субвенционирана струја, Бектеши порача:
„Подобро да затворат отколку штетата да биде на грбот на граѓаните. Не ни требаат такви компании кои ќе имаат цени од 40-45 денари за 450 грама бел леб и полубел леб. Слободно нека затворат и дополнително на тоа нови мерки за нив нема да има. Да им ги платиме и работниците и суровините и сите оперативни трошоци, а тие да го добиваат профитот?!“, Крешник Бектеши – министер за економија.
Инаку, мерката за субвенционирана струја која не ги даде посакуваните резултати ја чини државата по петстотини илјади евра месечно. Бектеши информира дека мерката ќе се укине за сите компании, но во зависност од регулативата, засега не се знае дали тоа ќе случи од први март или од први април. Парите што беа предвидени ќе се пренаменат, а министерот како пример посочи дека со дел од овие средства државата ќе покрива царински давачки за увоз на тестенини, со цел да се намалат цените на шпагетите и макароните./Алсат.мк
Лука Андреев