Берлин очекува од Северна Македонија и Бугарија решение за спорот

Германија се надева дека Северна Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни. Од друга страна, Бугарија порача дека Скопје треба да го искористи еднонеделното одложување на состанокот на Советот на ЕУ за разговори за надминување на спорот, додека македонските власти очекуваат сериозна поддршка од денешниот Самит во Софија за одржување на меѓувладината конференција меѓу земјава и ЕУ.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, на заедничка прес-конференција со неговите колеги од Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, по министертскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес, порача дека Германија како претседавач со Европската Унија се надева дека Северна Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни, потенцирајќи дека станува збор за билатерално прашање и оти решението мора да го најдат засегнатите земји.
– Во смисла на продолжување на процесот за интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ морам да забележам дека кандидатот не треба да има нерешени прашања од каков било вид, било да се политички прашања или некакви историски настани во регионот. Таа земја ќе мора да разговара со земјата членка со која има проблем и ќе мора да најдат решение, нагласи Маас, додавајќи дека колку подолго опстојуваат овие проблеми ќе биде тешко да се организира процесот на проширување на ЕУ и одржувањето на меѓувладината конференција.