БЕСА: „Кој да гони криминал? Ислам Абази или синот на Талат Џафери?“

Движењето Беса реагира на последните случувања во судството. Според оваа партија, судскиот систем е заробен од корумпирани политичари. Беса ги квалификува како цинични изјавите на Ковачевски и Ахмети за истрага на криминал и корупција затоа што органите на правдата се полни со нивни партиски кадри.
„Премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на ДУИ Али Ахмети цинично и неодговорно изјавуваат дека криминалот и корупцијата треба да се истражат. Но, кој да ги истражи? Кој ќе ги гони корумпираните политичари потопени во криминал и корупција? Ислам Абази, главниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, кој има повеќе слики со братот на првиот човек на ДУИ и други функционери на ДУИ отколку со членовите на неговото семејство? Синот на спикерот Талат Џафери, функционер и најважен политички експонент на ДУИ? Или други ваши политички експоненти кои ги сместивте на различни позиции во органите на правдата“, рече Фатмир Сабриу, БЕСА.