БЕСА: Власта е виновна за недобивањето на дaтум зa преговори

Лавина од реакции на политичките партии еден ден по неуспехот земјава да ги отпочне преговорите за членство со Европската Унија. Опозиционерите од албанскиот блок ја обвинуваат власта дека е виновна за ваквиот епилог со образложение дека работи за сопствени интереси, а не за иднината на Македонија. Потврда за тоа од движењето Беса е криминалот во највисоките ешалони на власта, корупцијата со која секојдневно се соочуваат граѓаните и хибридниот режим во земјава.
„Недобивањето датум од страна на ЕУ уште еднаш докажува дека оваа власт е делегитимирана и дека политичкото дејствување на Движењето БЕСА да не коегзистира во власт со партии и експоненти кои евроинтеграциите ги покриваат само за криминалот и корупцијата, за заробувањето на државата и тенденциите за претворање во хибриден режим се доволен доказ дека еден ден земјата треба да оди на предвремени избори и легитимитетот да се врати кај народот“, рече Фарук Авдиу- Портпарол на движењето Беса.
„Ниту Советот на ЕУ, одржан вчера на 14 декември, не даде датум за почеток на преговорите, туку ја нагласува потребата од реформи во судството, изразените проблеми во борбата против корупцијата, политизацијата на јавната администрација, недостатокот на парламентарен надзор над разузнавачките служби и слободата на медиумите“, вели Халил Снопче- Алијанса на Албанците.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во однос на недобивањето на датум ќе се произнесат во текот на следните денови, откако ќе зварши и министерскиот соевт. Но велат дека сега, по ваквите случувања – учеството на Алтернатива во власта е безначајно.
„Очекуваме Алтернатива да излезе од владата бидејќи главната причина која што ја наведоа не постои за нивно учество во оваа власт“, рече Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ велат дека тие не се виновни за ваквиот епилог.
„Како држава ние направивме се за исполнување на условите и за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија. Очекувањата Бугарија да ја подигне рампата и да ја тргне блокадата во духот на европските вредности навистина се оправдани“, рече Богданка Кузеска-Портпаролката на СДСМ.
Сега, опозицијата бара итни предвремени избори а власта трпение дека работите ќе успее да ги заврши во полза на земјава. Очекувањата се дека во однос на евроинтеграциите, Македонија ќе остане заглавена и без датум за почеток на преговорите со Европската унија најмалку уште половина година.
Иле Петревски