Безбедносната конференција во Минхен – место за можна средба меѓу македонски и бугарски високи претставници

Минхенската безбедносна конференција е местото каде што е можно да се оствари средба на повисоко ниво меѓу македонски и бугарски високи претставници, по формирањето на новата Влада во Софија минатиот месец. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција што треба да започне на 14 февруари. Шефицата на државата, пак, Гордана Сиљановска Давкова, гледа деблокирање на евроинтеграцискиот пат.
– Немаме остварено контакти со новата бугарска Влада. Очекувам сега на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, министерот за надворешни работи да оствари средба со неговиот колега од бугарската Влада, но се уште нема потврда за такво нешто. Доколку се случи, се разбира, јавноста ќе биде информирана, рече Мицкоски.