Бислимовски: Регулаторот да ја одредува цената на водата

Регулаторната комисија за енергетика бара во целост да ги преземе ингеренциите во одредувањето на цената на водата која ја плаќаат граѓаните. Во моментов регулаторот одредува минимална и максимална цена, па Јавните водоводни претпријатија и советите на општините го кажуваат последниот збор во однос на висината на сметките за вода. Претседателот на регулаторната комисија Марко Бислимовски за Алсат вели дека општините редовно одлучуваат да ја прифатат минималната понудена тарифа и со тој потег им се намалуваат можностите за собирање на средства за инвестиции во нова водоводна инфраструктура. Регулаторот смета дека сметките за вода би требало да се зголемат најмногу за 20 денари по домаќинство.
„Нашата минимална тарифа не обезбедува инвестиции. Има само едно „голо“ преживување на јавните комунални претпријатија. Во изминатиот период имаше ситуации како во Тетово, но и во други градови каде во одредени делови на градот каде останале без опојување со вода, односно немаа никакво водоснабдување. И тоа се случува како што кажаа од Тетово поради цевки стари и над 90 години. Мора во оваа водна инфраструктура да се инвестира“
Став по ова прашање засега Заедницата на локалните самоуправи нема. Кратко ни одговорија дека се за инвестиции во водоводната мрежа, но немаа одговор дали регулаторна треба ја одредува финалната цена на сметките за вода. Побаравме став од најголемото Јавно водоводно претпријатие во земјава, Водовод Скопје. Директорт Душко Вескоски признава дека во советите постои политички препукувања на тема сметки за вода и смета дека регулаторна треба да го има последниот збор во одредување на цената на водата.
„Еден од критериумите за цената е финансискиот извештај, завршната сметка, трошоци на претпријатието, инвестиции, планови за иднина. Целата буџетска анализа на претпријатието се доставува до Регулаторна. И потоа заедно со членови на нашето претпријатие се утврдува за период од три години, цената за пиење и цената за отпадната вода. “
Директорот на Водовот Скопје уверува дека до 2025 година нема да се случи никаква корекција на цената на водата за пиење. Но за четири години е предвидено да почне да со работа пречистителната станица за отпадни води која ќе чини над 130 милиони евра, инвестиција која со сигурност тогаш ќе ја зголеми цената на водата. За колку директорот немаше точна пресметка.
Ile Petrevski