Битиќи- Ако има потреба ќе реагираме и кај цените на овошјето и на зеленчукот

Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука што е во нивни интерес, одговори денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Битиќи вели дека како што Владата презела мерки за основните прехранбени производи, леб, тестенини, млечни производи истото ќе го направи и за низа на други продукти.
„Ако производителите и трговците не ја спроведуваат одлуката онака како што треба, тогаш Владата ќе ги преземе мерките кои се потребни, а тоа е замрзнување на цените. Тоа е најтешката одлука за еден произведувач или трговец, но јасно кажувам дека во сите пресметки не сме нанеле штета со замрзнување на цените. Затоа секогаш велам дека во пазарна економија мора да има морал и етика“, додаде Битиќи.