Битиќи: Општините да направат ребаланс и да не бараат пари од Владата

Јавните комунални претпријатија се во надлежност на локалната власт, и не треба сега да бараат помош од Владата за енергетската криза. Ова го изјави вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи и потенцираше дека општините требало да направат ребаланс на буџетот и да пренаменат дел од трошоците за зголемените сметки за струја.
Битиќи порача, никој да не очекува помош од владата кога погрешно ќе постапи во однос на планирањето на средства во текот на годината. Комуналните претпријатија најавија раст на цените на нивните услуги доколку централната власт не им даде финансиска помош.
„Не можеме да дозволиме во момент кога ќе биде тешко тогаш да заборавиме на фискална децентрализација, и на децентрализирани надлежности. И да бараме од централната власт таа да реагира. А, при тоа локалната власт која е примарна нивна надлежност, обезбедувањето на комунални услуги, да каже дека не се надлежни“, рече Битиќи.