ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Бизнисмени до Уставен суд: Да се поништи недела-неработен ден

Во Уставниот суд стаса иницијативата за оспорување на Законот за работни односи, за недела неработен ден. Бизнисмените од Стопанската комора го оспоруваат новиот Закон со образложение дека не губи само трговијата и индустријата, туку целото стопанство. Од Стопанската комора бараат сопственикот на компанијата да има право сам да одлучува дали фирмата ќе работи или не, а од друга страна да се зголемат инспекциските контроли во однос на контролата за плаќање на зголемените дневници за работа во недела.

„Подносителот го оспорува Законот за работните односи како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела“, се наведува во Иницијативата на Стопанска комора на Македонија.

Од Сојузот на синдикати, велат дека недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите“ да не им се допаѓа. Во нивниот допис тие наведуваат дека бизнисмените се противат на законот, бидејќи заработувале на грбот на работниците.

„Ваквиот однос на работодавачите кои сметаат дека имаат робови, а не работници претставува карта во еден правец надвор од Државата, па тогаш овие „големи газди“ сами со своите семејства ќе си работат во нивните бизниси поради тоа што без работници нема трговија, нема здравство, нема индустрија, без работници ништо нема да работи“, наведуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Законот стапи на сила од Нова година. Веќе три недели околу 92 отсто од вработените имаат загарантиран слободен ден во неделите. Оние работници кои мораат да одат на работа во недела каде е оценето дека не е можно исклучување на производствениот процес според законот треба првично да бидат пријавени во Министерството за труд и за нив следува зголемена дневница од 50 отсто.

За вработените во моловите кои се ангажирани во неделите дневницата треба да изнесува 100 посто повеќе во однос на онаа која ја заработуваат во останатите денови. Доколку, стопанствениците не ја повлечат оваа иницијатива, синдикатите најавуваат парализирање на приватниот сектор со масовни штрајкови и демонстрации низ целата држава.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button