
Бизнисмените кренаа раце и сметаат дека нема да ја добијат помошта за плати за вработените од петтиот сет економски мерки. Доколку политичарите навистина работат во интерес на граѓаните, треба да престанат со водењето политика и да го донесат потребниот закон за финансиска помош за компаниите, велат за Алсат од Сојузот на стопански комори. Состојбата во приватниот сектор е критична, ликвидноста е сè послаба, а секојдневно во земјава се затвораат многу фирми. Затоа бизнис заедницата побара од пратениците да се вразумат, за да може работниците да земат плати за февруари и март.
„Законот за финансиска поддршка е од големо значење за одржливоста на претпријатијата, како и за зачувување на работните места во приватниот сектор…“, велат од Сојуз на стопански комори.
Освен проблемите со кворумот, опозициската коалиција Алијанса за Албанците – Алтернатива е децидна дека нема да се откаже од блокада на Собранието сè додека не се донесат измените во Законот за државјанство.
„И покрај тоа што Законот за финансиска поддршка на компаниите за плати е закажан во Собранието на 23 март, собранискиот спикер Талат Џафери вели дека доколку пратениците на власта и опозицијата се договорат и се одблокира Собранието, тогаш ќе може Законот да помине истиот ден или евентуално ден потоа на 24 март, со што на бизнисмените им остануваат шест дена да аплицираат за ветената државна помош.“
Една од причините што предлог-законот е заглавен во Собранието е и немањето кворум за седница поради заболени пратеници со корона вирусот. Дополнително и Деловникот за работа не предвидува експресно спроведување на редовна постапка за усвојување на едно законско решение. Откако еден предлог Закон ќе биде испратен од Владата, потребни се најмалку 10, а најмногу 20 дена за тој да биде испратен на расправа на пленарна седница.
Иле Петревски