Бизнисот „на шкрги“ поради скапата струја
Бизнисот „на шкрги“ поради скапата струја

Со последни сили бизнисот „се бори“ против енергетската криза. Загриженоста на стопанствениците е сè поголема поради фактот, како што велат, засега нема конкретна помош за компаниите во делот на плаќањето на електричната енергија. Од Организацијата на работодавачи за Алсат велат дека доколку не се обезбеди поевтина струја за стопанството ќе се случи вистински крах во приватниот сектор. Ангел Димитров од ова бизнис здружение вели дека веќе неколку големи индустриски капацитети со неколку стотини вработени ставиле клуч на врата.
„Владата до овој момент нема издвоено средства од буџетот за помагање на стопанството бидејќи единствено се помагаат домаќинствата и малите снабдувачи. Додека големите компании, сите се снабдуваат на отворен пазар, а тоа значи дека е огромен товар за компаниите“, изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Димитров апелира Владата што е можно поскоро да се договори со Бугарија за увоз на струја за потоа да не биде доцна. Од Владата посочија дека ја разбираат загриженоста на стопанството, но истакнаа дека се обидуваат да најдат дополнителни извори на струја.
„Дел од стопанството коешто не влегува во либерализираниот пазар на електрична енергија користат субвенционирана електрична енергија од страна на Владата и тоа не е мал дел затоа што бројот на тие компании е значително поголем. Владата мора да го штити сегментот којшто е најголем, а тоа се домаќинствата и малите потрошувачи“, велат од Влада.
Во време кога еден мегават струја на берзите надминува 800 евра, а се најавува дека цената ќе надмине и 1.000 евра, стопанството само ги брои загубите. Во следниве две недели треба да се знае дали Бугарија ќе успее да ги заобиколи правилата на Европската Унија и со билатерален договор да испорача поевтина електрична енергија за приватниот сектор во Македонија.
Иле Петревски