ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Блерим Рамадани избега од домашен притвор

Блерим Рамадани, поранешниот војник на ОВК, кој минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Јажинцe, избегал од домашен притвор. Рамадани беше уапсен врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол од Србија под сомнение дека извршил злосторства за време на војната во Косово, пред 25 години.

Advertisements

Од МВР ја потврдуваат информацијата за бегството на Рамадани и соопштуваат дека распишале потерница.

„Од надлежниот судски орган документацијата е доставена и до Министерството за внатрешни работи за распишување централна потерница по лицето Б.Р. бидејќи во моментов не е достапен за органите на прогонот. Министерството за внатрешни работи презема мерки за пронаоѓање на лицето“, наведоа од МВР.

Бегството на Рамадани се случило вчера. Од Кривичниот суд Скопје за Алсат потврдуваат дека Кривичниот совет од тројца судии вчера ја прифатил жалбата на Обвинителството и мерката куќен притвор ја заменило со ефективен притвор.

„По жалбата на Обвинителството, вчера Кривичниот суд донесе одлука за замена на мерката куќен притвор со ефективен притвор. За спроведување на одлуката известено е МВР, а МВР во текот на денот соопшти дека не го нашле дома“, рекоа од Кривичниот суд.

Рамадани на 17 јули беше приведен на граничниот премин Јажинце, по што беше испратен во екстрадиционен притвор во Шутка, каде што ќе требалше да остане до 16 август. Но, две недели подоцна, поточно на 1 август, Кривичниот суд ја замени мерката ефективен притвор со куќен притвор кој го издржувал на адреса на неговото семејство во Скопје.

Рамадани е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Претходно беа уапсени Гафур Дуголи и Томор Морина, но тие со судска одлука беа ослободени.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button