Блок 1 на РЕК „Битола“ исклучен од мрежа

Првиот блок на РЕК „Битола“ во моментов е исклучен од мрежа, информираат денеска од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Причината поради која блокот во моментов не е во функција, како што додаваат оттаму, е поради тоа што од утринава се прават сервисно-ремонтни активности на Блокот 1.
Застојот на овој блок, посочуваат од ЕСМ, ќе трае во наредните 24 часа, а утре постројката ќе биде со целосен капацитет на мрежа.
„Снабдувањето со електрична енергија од останатите капацитети на АД ЕСМ продолжува непречено и компанијата не увезува струја за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи“, наведува ЕСМ во соопштението.
Во однос на домашното произдовство на струја, Владата информира дека во изминатото деноноќие се произведени 16 679 мега-ват часа електрична енергија, што како што додаваат оттаму, целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.