Блокиран патот кон Дебар, Лабуништа на протест против каменоломите

Итно затворање на сите каменоломи побараа жителите на струшкото село Лабуништа на протести денеска блокирајќи го два часа патот Струга-Дебар. Изминатите месеци некои од каменоломите повторно почнаа со работа иако пред изборите во 2020 година власта донесе одлука за еднострано раскинување на договорите со концесионерите. Моментално работат два каменолома. Граѓаните бараат Владата итно да им го запре работењето, а ако не – најавуваат радикализација.
„…Многу лесно може да дојде до бојкот на изборите. Јас ќе бидам тој кој ќе ја води таа кампања за бојкот на изборите, па нека повелат на парламентарни, а посебно на локални избори“, рече Алим Салоски-претседател на Натура лаб, Лабуништа.
„И покрај сите наши докази, сè уште да брани две фирми, две личности да се богатат на здравјето на овие граѓани, ве уверуваме дека ќе имаме порадикални мерки и нема да застанеме тука…“, вели Алија Ќазими-правник.
„Подобро е што не сте во Лабуништа бидејќи ќе почнете да осеќате мирис и чад на нешто што е нечисто. Ние не ги сакаме оние кои нудат штета на Лабуништа и затоа сме дојдени овде“, вели Нагим Мустафоски- жител.
Вештачењето што го нарачале од селото покажало дека многу земјоделски почви станале неплодни, аерозагадувањето е алармантно, а најблискиот каменолом е на само 90 метри од селото.
„…Бараме од надлежните да ги заштити нашите права, да одговори на нашите барања и да го ослободи Лабуништа од уништувачите на животната средина“, изјави Јасмин Ќазимоски-месна заедница Лабуништа.
Жителите се заканија доколку не се реши проблемот до почетокот на второ полугодие, нема да ги пуштаат своите деца на настава, а ги има околу 1.000 на број. Инаку во регионот зголемен е бројот на малигните и респираторните заболувања. Жителите се сомневаат дека причина за тоа е прашината која со години ја дишат од каменоломите.
Мики Трајковски