
Милан забележа рана елиминација во Лигата на Шампионите. Италијанскиот гигант поведе по само 30 секунди во реваншот против Феенорд, но во второто полувреме остана со играч помалку. Тео Хернандез доби црвен картон во 51. минута, и Феенорд дваесет минути подоцна израмни и со вкупни 2-1 се пласира во осминафиналето.
Поранешниот играч на Милан, Звонимир Бобан го коментираше натпреварот за италијанскиoт ТВ-канал „Скај Спорт“.
„Ова е навистина тажно. Имаше многу лоши одлуки не само на теренот, туку и тренерски и дојде време да се сумира се: Милан е елиминиран од Лигата на шампионите и никогаш не сме доживеале ваква сезона во Милано. Не можат да си дозволат ваков настап, не го победија Феенорд и не се во трка за скудетото.
Жал ми е за Милан, но Тео Хернандез го заслужи ова што му се случува. Ова го прави со години. Судијата Марчињак го виде тоа, му даде картон и тој момент ја „смени“ играта“, рече легендата на Милан и хрватскиот фудбал.
Хернандез доби втор жолт картон поради симулирање во шеснаесетникот. Тој се обиде да изнуди пенал, но го остави тимот на цедило.