Бојко Борисов за Македонија: „Тие да направат отстапки и нашата Влада да направи отстапки“

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов изрази подготвеност да го поддржи актуелниот премиер Кирил Петков за споровите со земјава. Тој ги наведе трите предуслови кои Македонија мора да ги исполни ако сака Софија да го тргне ветото за старт на пристапните преговори со Европската Унија. Борисов сепак, наведе дека за Бугарија е добро Македонија и Албанија што поскоро да бидат членки на Европската унија, но истакна дека пред тоа е потребно исполнување на одредени услови.
„Ние им кажавме на нашите соседи, постојат две-три теми: малцинствата, промената во Уставот и изјаснувањето за историјата. Кога ќе ги решите, ќе продолжите напред. Ние на никаков начин не ги запираме, но како да им кажеме – повелете во Европската унија, а потоа да ја наполниме Унијата со проблеми за кои не се разбираме. Затоа ги забавивме. Еве, сега сме подготвени, тие да направат отстапки, нашата Влада да направи отстапки, да поминат во Собранието и ќе ги поддржиме.“