Бојкотот на учениците во школото во Моране, продолжува
Бојкотот на учениците во школото во Моране, продолжува

Повеќе од 450 ученици од основното училиште „Наим Фрашери“ во скопското село Моране и по три недели не се во училишните клупи. Родителите и денеска стојат пред влезот на училиштето и бараат школот да се одвои.По три недели бојкот и денеска во училиштето беа само наставниците, без учениците.
Родителите велат дека се разочарани од одговорот на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која пред неколку дена рече дека барањето за одвојување на објектот од централното училиште не држи и нема причина да се исполни. Јаневска апелираше учениците што побрзо да се вратат на настава. Но, ситуацијата на терен го кажува спротивното. Родителите најавуваат протест пред Министерството за образование ако не добијат позитивен одговор.
„Оваа изјава е во целосна спротивност со процедурите што досега ги следеше самото Министерство за образование. Пред околу една година Министерството за образование преку Просветниот инспекторат ги испита условите во нашето училиште и утврди дека ги исполнува сите критериуми за да се одвои од централното училиште. Од понеделник ќе најавиме уште поригорозни мерки, со блокирање на патиштата доколку не се преземат мерки по ова прашање, ќе ги блокираме патиштата и ќе протестираме пред Министерството за образование и финансии”, рече Амир Дурак– родител.
Родителите велат дека главна причина за бојкотот на наставата е недоволното инвестирање во ова училиште од општина Студеничани. Велат дека училиштето е реновирано на иницијатива на жителите.
„Јас сум родител на ученик од ова училиште, сакаме што поскоро да го напушти централното училиште откако ќе ги исполни условите. Овде направивме сопствена инвестиција, реновирањето на училиштето и условите што требаше да ги исполнуваат општината и министерствата ги направија самите селани. Ги исполнува условите, но не знаеме каде е проблемот“, нагласи еден родител.
За разлика од другите училишта во земјава каде што бројот на ученици се намалува, во ОУ „Наим Фрашери“ од Моране се зголемува бројот на ученици. Во ова основно училиште учат над 450 ученици од прво до деветто одделение. Бојкотот на наставата во ова училиште започна на 7 октомври./Алсат.мк
Авни Тахири