„Бомбите“ не открија ништо ново за „Монструм“

Пред шест години, Дојче Веле пренесе изјава на тогашниот опозиционер Зоран Заев. Таа гласеше: „Невини луѓе лежат во затвор за Смилковско езеро“. Изјавата Заев оргинално ја даде за германскиот весник „Ди Цајт“. Но, откако веста доби регионална димензија, Заев ретерираше. Не рекол баш така ама имало сериозен сомнеж дали осудените лица се виновни.
„Најверојатно е грешка во интерпетација на самиот новинар, но секако големи сомневања се врзани за овој случај и тоа го објаснувам во интервјуто и секако со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на владата „Монструм“ како што го нарекоа со кривичната пријава ќе обелодени и болна вистина и секако сомневањата се големи. Нашата намера не е да ставаме квалификации, но вистината штом ќе ја обелодениме граѓаните ќе знаат што претставуваа таа“, велеше Заев.
Но, Зоран Заев не обелодени „бомби“ за „Монструм“. Случајот почна да се суди одново, откако Врховниот суд ги укина пресудите за сите обвинети поради пропусти во водење на постапката. Предметот, во 2018 година го презеде СЈО со сет прислушувани разговори во кои имаше разговори за петкратното убиство кај Смилковци. Во повтореното судење, за сведок беше повикан и Зоран Заев .
„Ако постои доказ за вина таа треба да биде потврдена. Ако постојат докази што потврдуваат невиност, невиноста треба да биде потврдена“, велеше Заев.
Иако прислушуваните разговори се очекуваше да дадат нов правец во „Монструм“, обвинителството вчера во завршен збор посочи дека прислушуваните разговори не откриле нови детали за случајот. Обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотни затворски казни за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ како и максимални казни за Хаки и Фејзи Азири. За Сами Љута обвинителството го повлече обвинението поради недостиг на докази.
Бојан Стојановски