Бопана, светски рекет број еден во двојки за првпат во својата кариера

На 43-годишна возраст, Рохан Бопана стана светски рекет број еден во двојки за првпат во својата кариера. Индиецот до овој успех стигна откако се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен со aвстралиецот Метју Ебден.
Со тоа Бопана стана највозрасниот тенисер во историјата кој е на чело на АТП листата во конкуренција на двојки. Далеку зад себе го остави досегашниот рекордер Раџив Рам, кој беше лидер со 38 години.
„Горд сум на себе. После дваесет години конечно сум на врвот. Драго ми е што ја претставувам Индија на вистински начин на ова тениско патување“, изјави Бопана.
Интересно е што Бопана е четвртиот тенисер од Индија кој е најдобар во светот во двојки. Пред него истиот успех го постигнаа Леандер Паес и Махеш Бупати во машка конкуренција, а Санија Мирза во женска конкуренција.