Борбата за егзистенција во последно време ги принудува не само младите, туку и цели семејства да го напуштат родното место и да се преселат во странство
Борбата за егзистенција во последно време ги принудува не само младите, туку и цели семејства да го напуштат родното место и да се преселат во странство

Во нашата земја живеат повеќе од 33 000 семејства со социјална помош. Цели семејства се соочуваат со сериозни предизвици – од трендот на иселување до социјалните и економските проблеми што директно влијаат на стабилноста на семејството. Иселувањето во странство сè уште продолжува, а младите сè почесто велат дека својата иднина ја гледаат надвор од државата, често оставајќи ги родителите сами. Според социологот Мурат Алиу, за да се подобри состојбата, неопходни се структурни и сеопфатни реформи.
„Миграцијата во последните десет години, според анализите, не се должи само на економски причини, туку и на животниот стандард и квалитетот на државните услуги. Станува збор за еден вид миграција што е резултат и на лош квалитет на животот, недостаток на квалитетно образование, здравство, немање правна држава итн. Со други зборови, потребни се структурни и сеопфатни реформи за да се запре одливот на мозоци од земјата“, рече Мурат Алиу – Социолог .
Додека трендот на иселување на младите продолжува, бројот на новороденчиња опаѓа од година во година. Според Државниот завод за статистика, наталитетот во земјава е еден од најниските во регионот. Во 2023 година, имало само 8,9 раѓања на 1000 жители.
„Овие проблеми не се нови за нашето општество или за семејството како една од основните ќелии на општеството. Тие се поврзани и со глобалната економска криза и продлабочувањето на јазот меѓу високите и ниските социјални слоеви, односно исчезнувањето на средната класа – тренд што е глобален, но особено изразен кај нас, каде што социјалните политики не се доволно стабилни, а социјалдемократијата не е доминантна идеологија во општеството“, додаде Мурат Алиу – Социолог .
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната возраст на мајките при раѓање на првото дете постојано се зголемува и веќе ја надминува 28-годишната граница. Стапката на разводи расте, со речиси 2000 случаи годишно, а околу 25% од децата во земјава живеат во семејства изложени на ризик од сиромаштија./Алсат.мк
Авни Тахири